Домашни божиќни колачиња (gingerbread)



Здраво драги мои,


еве една интересна и креативна статија за сите оние кои обожаваат сами (или со децата) да прават дома најразни креативни проекти. Овојпат сакам да ви дадам рецепт за моите омилени божиќни колачиња.

Не само што се лесни за подготовка и вкусни, туку и ќе се забавувате цртајќи ги. Со малку време, трпение и фантазија, ќе добиете прекрасни уникатни колачиња кои може да ги користите и како украс во сопствените домови.

Ајде најнапред да започнеме со подготовката. За овие колачиња потребни ви се:

350 гр. брашно (може бело или интегрално по ваша желба);
две кафени лажички ѓумбир;
една кафена лажичка цимет;
четврт кафена лажичка москантно оревче;
половина кафена лажичка пекарска сода;
на врвот од една кафена лажичка сол;
150 гр. мед (доколку сте веган може маџун);
20 гр. шеќер (бел или кафен);
110 гр. путер (доколку сте веган може какао путер);

Во еден сад најнапред помешајте ги сите прашкасти состојки, па додадете го медот и путерот исечен на коцки. Доколку имате од оние блендери стаклени кои се затвораат комплетно користете ги за убаво да ги измешате состојките. Доколку немате, во тој случај мешајте со раце и бидете многу трпеливи.

Откако се убаво ќе се спои во една смеса, ставете ја во проѕирна фолија за храна и ставете ја во фрижидер најмалку 30 мин.


По истекот на времето со помош на едно сукало убаво истегнете го тестото во дебелина од околу 5 мм. Со помош на новогодишни калапчиња сечете разни форми и ставете ги на една тава за печење врз која сте ставиле хартија за печење.



Кога ќе ви останат само парченца од тестото, повторно замесете го, растегнете го со сукало и сечете со калапчињата. Повторувајте сѐ додека да го потрошите цело тесто.

Ставете ги во загреана рерна на 170 /180°C и печете околу 15 до 17 минути во зависност од јачината на вашата рерна. Колачињата треба да бидат убаво поруменети.
Откако ќе се испечат извадете ги и оставете ги да се оладат.


Сега може да преминеме на подготовката на глазурата во боја за која ви се потребни:
150 гр. шеќер во прав
белка од едно јајце

Доколку сте вегани може да пробате со шеќер во прав и вода (количината одредете ја сами).

Во еден сад со помош на миксер (оној класичен за торти) убаво изматете ја белката со шеќерот се додека да добиете убава густа смеса.


Поделете ја на три дела (или повеќе во зависност од тоа колку бои сакате да направите). Во секој дел ставете по малку боја за храна (јас користев во прав) и убаво мешајте додека да ја добиете посакуваната нијанса.

Секоја од чашичките со боја прекријте ја со проѕирна фолија затоа што може да се стврдне.


Доколку имате шприцеви од ќеси користете ги нив, во спротивно направете како мене вака: земете хартија за печење, исечете коцки, превиткајте ги на половина како триагилник и направете фишек (како оној за сончоглед). Исечете го  врвчето онолку колу што сакате да излегува производ и користете го наместо шприц.

Ова според мене е најекономично, а и најчисто со оглед на тоа што потоа не мора да миете, туку она што останало само ќе го фрлите со хартијата во ѓубре.

Земете ги вашите колачиња и почнете со креативноста. Јас употребив и цветчиња за торти (добро не се баш божиќни или новогодишни, ама мене ми се допаѓаа како изгледаат), како и бисерчиња за торта кои одлично се вклопија.


Откако ќе ги украсите, оставете ги вашите колачиња да се исушат преку ноќ и утредента префрлете ги во една метална кутија за да ја задржите нивната свежина.



Само да напоменам дека со оваа количина на состојки добивате околу 40 колачиња.

Се надевам дека овој предлог ви се допадна и дека ќе уживате во креативноста и домашно подготвените божиќни колачиња.

Поздрав и до следно читање.
Вики



Comments

Post a Comment