Масло од макадамија - еликсир кој комплетно ќе ја трансформира вашата кожа



Маслото од макадамија има неверојатни својства кои ја истакнуваат природната убавина на кожата и косата. Ова прекрасно масло со светло златна боја е вистинска анти ејџ бомба за кожата и предуслов за здрава и сјајна коса.

Маслото од макадамија е вистински концентрат на палмитолеинска киселина (содржи 26, 70%) која е еден од најмоќните антиоксиданси и помага во спречувањето на штетното влијание на слободните радикали кои се причина за предвременото стареење на кожата.

Потоа содржи 60 % олеинска киселина која е од основно значење за регенерацијата на кожата, омега 3 и 6 масни киселини и два многу важни витамини од групата Б, односно нијацин (Б3) и тијамин (Б1).

Благодарение на големата количина на олеинска киселина ова масло е многу издржливо и едно од поотпорните масла на ужегнување и оксидација.


Благодарение на извонредниот и единствен состав, маслото од макадамија многу лесно навлегува и продира во кожата и и токму затоа е одлично не само кај чувствителна, сува и возрасна кожа, туку помага и доколку имате комбинирана или масна кожа. Има еден цел спектар на позитивни влијанија врз кожата и помага при разни состојби и проблематики, за кои ќе говориме во продолжение на статијата.

Пред да проговориме за што сѐ може да го користиме ова масло, би сакала само да ве потсетам дека сѐ ова што ќе го прочитате важи доколку маслото е чисто, висококвалитетно, ладно цедено и по можност органско. Како единствена состојка во декларацијата треба да има само макадамија односно Macadamia Integrifolia Oil. Ве молам избегнувајте било какви мешавини со силикони, минерални масла, течен парафин и останато.

Јас најискрено досега маслото од макадамија го носев од Рим, секојпат кога одев на посета кај моите пријатели, меѓутоа за среќа во Скопје го открив маслото од макадамија на Institute Organica, кое е едно од ретките чисти, ладно цедени, високо квалитетни и органски масла кај нас. Доаѓа директно од сончевите предели на Австралија каде што се одгледува растението макадамија. Со оглед на тоа што е навистина одлично како производ ќе ви го претставам токму него во оваа статија и ќе ви кажам на кои сѐ начини може да го користите.


Ова масло од макадамија ми се допадна најнапред затоа што доаѓа во темно шишенце, кое знаеме дека додатно го штити самото масло. Иако макадамијата е доста отпорна на сончева светлина и топлина, сепак повеќе ми се допаѓа кога маслата доаѓаат во темно шишенце.

Маслото на  Institute Organica е 100% чисто и ладно цедено масло кое не содржи никакви синтетички состојки или ГМО. Доколку погледнете во декларацијата кај Ingredients пишува само Macadamia Integrifolia Oil.


Има навистина убава светло златна боја и лесна структура.
Многу е пријатно врз кожата и косата, а според резултатите кои ги видов од неговата употреба, може да кажам дека има врвен квалитет.

Ајде да проговориме на кои сѐ начини може да го употребите.

Масло од макадамија за прекрасна кожа на лицето и изедначен тен


Како што веќе напоменав, маслото од макадамија одговара за скоро сите видови на кожа со оглед на тоа што композицијата на масни киселини во самото масло е слична како онаа на нашиот природен себум во кожата. Има неверојатно дејство врз кожата и го изедначува и подобрува и тенот на самата кожа.

Напоменав дека ова масло има големо пенетрирачко дејство врз кожата и е одлично и за комбинирана и масна кожа (со акни и митесери), со оглед на тоа што кожата веднаш го впива. Ова масло, слично на она од јојоба, го нормализира производството на себум и го спречува прекумерното мастење на кожата.

Како да го користите?

 Може да го користите чисто врз самата кожа (неколку капки на благо навлажнета кожа) или во комбинација со алое вера гел кој е одличен за кожата. Доколку имате може да додадете и етерично масло од лаванда, рузмарин или чајно дрво (внимавајте на количината на етеричното масло со оглед на тоа што е доста концентрирано).

Во продолжение сакам да ви дадам една прекрасна маска за комбинирана до масна кожа со масло од макадамија:

една кафена лажичка зелена глина;
една кафена лажичка масло од макадамија;
една кафена лажичка мед

Убаво помешајте ги сите состојки и доколку е потребно додадете малку зелен чај за да добиете убава кремаста смеса, која со помош на една четкичка ќе ја нанесете на убаво исчистено лице. Оставете да делува околу 10 минути и отстранете ја смесата со млака вода. Миењето завршете го со поладна вода за да ја подобрите циркулацијата на кожата.



Ова масло е од огромно позитивно влијание доколку имате сува или возрасна кожа, со оглед на тоа што ја помага регенерацијата на кожата и длабински ја храни самата кожа. Го спречува предвременото стареење на кожата и штетното влијание на слободните радикали.  Неговото ленитивно влијание го прави одлично и за нега на чувствителната кожа.

Како средство за сува кожа, ова масло може да го користите чисто врз самата кожа (неколку капки на благо навлажнета кожа) или во комбинација со етерично масло од лаванда или иланг иланг. Исто така многу моќна е комбинацијата на масло од макадамија со шеа путер кој исто така ги потенцира хранливите својства на макадамијата.

Еве ви еден предлог за маска за лице за многу сува и возрасна кожа:

едно парче зрела банана;
една лажичка мед;
една лажичка масло од макадамија

Во еден сад најнапред убаво згмечете ја бананата и додадете го медот. На крај додадете го и маслото и убаво мешајте сѐ додека да добиете убава кремаста смеса. Со помош на една четкичка убаво нанесете ја на исчистено лице и оставете да делува 20 минути. По истекот на времето отстранете ја со млака во да и завршете го миењето со поладна вода за да ја стимулирате циркулацијата на кожата.

Масло од макадамија за нега на кожата на телото


Маслото од макадамија е одлично како средтсво против стрии, со оглед на тоа што ја оддржува еластичноста на кожата и со самото тоа ја спречува појавата на нови стрии на оние места каде сме склони кон оваа проблематика.  Може да го користите чисто или во комбинација со маслото од арган или бадем. Важно е редовно да ги мачкате местата каде најчесто се појавуваат стрии на кожата и да бидете упорни. Резултатите не доаѓаат преку ноќ и трпеливоста и упорноста се од огромна важност.

Маслото од макадамија е одлично и во случај на лузнички кои се свежи (штотуку формирани), со оглед на тоа што ја помага регенерацијата на ткивото на кожата и ја минимализира видливоста на истите врз кожата.

Доколку страдате од уморни нозе или подуеност во нозете, во тој случај маслото од макадамија е вистинското нешто за вас. Неговата структура е одлична и за подобрување на циркулацијата во нозете, особено доколку вашата работа вклучува доста стоење во текот на денот.Доволно е да додадете 15 капки (во тотал не од секое по 15) од следниве етерични масла: рузмарин, еукалиптус и мента во 30 мл. масло од макадамија. Со оваа смеса секоја вечер масирајте ги нозете со енергични движења.

Едно прекрасно откритие за маслото од макадамија, кое мене лично ме воодушеви е фактот што успева да го неутрализира лошиот мирис под пазувите при потењето. Сите оние кои имаат чувствителни пазуви кои многу лесно се иритираат од било какви деодоранси (па дури и најприродните), може да пробаат да користат масло од макадамија. Нанесете мала количина од ова масло под пазувите сѐ додека убаво да се впие.

Масло од макадамија за нега на косата


Иако веќе имам говорено за маслото од макадамија за нега на косата во една претходна статија, сепак сакам да ви го прикажам ефектот на токму ова масло на Institute Organica.

Го нанесов на благо навлажнета коса само масло од макадамија и го држев околу 3 часа. По истекот на времето ја измив со благ шампон. Еве го ефектот врз косата.



Како што може да видите влакното има висок сјај и косата изгледа поздрава и поубаво. Ова масло има моќ да ја спречи појавата на расцветани врвови доколку редовно се користи.

Освен како третман за коса ова масло може да го користите и како замена за силиконските капки. Доволно е да нанесете неколку капки на полусува коса по миењето (пред да ја исушите со фен) или пак на сосема сува коса само на врвовите за стајлинг. Ефектот врз самата коса е незаменлив.

Се надевам дека оваа статија ви се допадна и дека ќе му дадете шанса на ова прекрасно масло за нега на вашата кожа и коса.

Поздрав
Вики

Comments

  1. Здраво Вики,може ли да ми кажеш од каде може да се купи маслото,колку милилитри е и која му е цената?

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга Рената, маслото може да го најдеш во скоро сите аптеки на пример Еурофарм или Зегин. Исто така го имам видено и во ДМ и Космо. Цената е 590 мкд за 50 мл. Поздрав.

      Delete

Post a Comment